Иднината на конзервативизмот е кај младите

Published by sarissa.institute on

Тамара Митковска

За конзервативизмот постојат неколку веќе разработувани дефиниции, според кои може да се заклучи дека тој е начин на размислување и состојба на духот на луѓето насочен кон зачувување на политичкиот, социјалниот и општествениот поредок, кои се спротивставуваат на одредени промени во тој поредок.

Денес конзервативизмот најчесто се поврзува со облиците од секојдневното живеење кои се однесуваат на политичкиот, културниот, верскиот, јазичниот и други облици од опшествениот живот, а на прв поглед дури и во обичниот жаргонски говор конзервативизмот се поистоветува со се што е воздржано и скептично на нагли промени, за што конзервативците најчесто се нарекувани „тврди“ и „нечувствителни“ во својата грижа кон другите.Сите овие облици со текот на времето како да се ставаат под контрола на државите, со што многу од нив стануваат безначајни, нивната партиципација во опшеството занемарена, а влијанието на црквата и верските заедници слабеат или исчезнуваат, што пак делува деструктивно кон одредени опшествени добра и водат кон уништување на бракот, семејството, црквата и работата како заедници. За каква тогаш демократија би зборувале ако таа ги исклучува традицијата и нејзиното наследство и тоа повикувајќи се на некаков напреден прогресивизам кој овие облици ги именува како нешто „застарено“?

Сепак, основата на конзервативизмот како идеологија кај себе не ја чува теоријата туку обичаите, конвенционалноста и континуитетот со кои би се сочувала човековата слобода и индивидуална независност. За тоа заеднички придонес даваат сите луѓе во едно општество, но клучни за нивното натамошно одржување се секако младите, кои традицијата и демократијата треба да ги направат неразделни чинители во секојдневниот живот.

За развојот на оваа идеологија потребна е цврста основа поставена на неколку столбови од кои јас би издвоила 5 како најзначајни за младите, а тоа се моралот, континуитетот, припадноста, делотворноста и доследноста.

Можеби некому ќе му дојде чудно што во оваа класификација не се наоѓаат прашањата поврзани со абортусот, верата и религијата, задолжителниот воен рок, здравството, образованието итн, но секако поставените 5 столба својата улога можат да ја најдат во сите облици во општественото живеење, вклучувајќи ги и овие прашања, но со оваа класификација од една страна настанува одвојување од секојдневните теми кои ги окупираат речиси сите медиуми, со што значително би се оттргнале и предрасудите кои поради овие прашања се појавуваат во јавноста и поради кои сме често напаѓани како конзервативци, а од друга страна пак истата е доволна за да ја истакне суштината како одржлива во секојдневното живеење. 

Ваквата поделба, покрај тоа што ги опфаќа сите „жешки теми“ кои секојдневно ја брануваат јавноста, истата наметнува одговори и на низа дополнителни нерешени прашања и ставови од кои секако зависи нашата краткорочна и долгорочна иднина. Во оваа прилика сакам да одвојам барем три од овие прашања на кои во најскоро време треба да се даде и одговор, во чие практично оформување основа даваат вредностите содржани во 5-те столбови.

Прво е прашањето на православната Црква (ја посочувам бидејќи кон неа јас припаѓам) и нејзината улога во општествениот живот на младите и државата во која живеат (Македонија како моја Татковина). Факт е дека конзервативците се практично и верници и дека во Македонија се повеќе млади се приклонуваат кон Црквата. Дел се од црковните заедници и активно учествуваат на неделните и празничните Литургии. Го практикуваат постот, особено за големите пости како Велигденскиот и Божиќниот и често се причестуваат со Светите Тајни по благослов од нивниот духовен отец. Македонската Православна Црква на моменти како да има поприоритетни прашања за решавање, како наметнатото од страна признавање на автокефалноста од  сестринските цркви, наспроти заземањето јасен едногласен став по прашањата за абортусот или задолжително воведување на веронауката во образованието.

Во духот на нејзиното постоење е ширењето љубов меѓу луѓето, како и грижата за сиромашните и тоа како да им се помогне во борбата со гладот, да им се подаде парче леб, да се обезбедат средства и донации за нивно лекување, реконструкција на опожарени домови и слично. Овие црковни заложби доаѓаат во судир со заложбите на младите верници – конзервативци,преку промовирање на моралните вредности, а кои подразбираат на сиромашните да им се помогне во наоѓањето работа со редовна и пристојна плата, со што ќе им се овозможи самите себе да си помогнат, за што секако потребна е поддршка не само од Црквата туку и од државата. Во своите приоритети, духовното раководство на Македонската Православна Црква, никаде едногласно не дава јасна поддршка и свој став по прашањатакои се отворија за идентитетот на својот народ и држава, ниту пак се вклучува во јавните дебати со конкретни предлози и решенија. Наспроти тоа, останува нем набљудувач на тоа како овие процеси од национални преминуваат во политички. 

Второто прашање, иако бара поддршка и од Црквата, сепак како доста актуелно, го истакнувам прашањето за абортусот. За да се постигне соодветен одговор на ова прашање кое го напаѓа животот, треба да се направи јасна дистинкција помеѓу поимот „злосторство“ и поимот „право“, кој се повеќе се наметнува како изговор, под влијание на правната регулатива и здравствената дејност. Под нивно влијание на глобално ниво се случува редефинирање на поимот „човеково право“. Под таквото влијание и под признакот на исполнување на „правото“ на мајката, директно се атакува на „правото“ на послабиот, односно детето, зачетокот. Но, денес веќе се појавуваат знаци на будење кај младите кои се почесто сфаќаат дека животот почнува од самото зачнување. Најсвеж одржан пример за тоа е и нивното учество во протестите во Полска против новиот закон за абортус. Цврсто верувам, дека на овој начин, против абортусот ќе се крене гласот и на поддржувачите во регионот на Југоисточна Европа и во мојата земја, со што значително ќе се влијае во промената на одлуките по ова прашање, донесени под притисок на организациите кои го пропагираат абортусот.

Трето е прашањето поврзано со политичките партии. Тука пред се ги посочувам десничарските партии во мојата држава кои не прават јасен сооднос во својата уреденост, декларирајќи се како дел од конзервативен политички блок. Во таа насока, ја потенцирам како неспоива нивната десничарска ориентираност со конзервативните идеологии во однос на нивното делување. Без да навлегувам во истакнувањето на поединечни политички партии, сакам да го истакнам нивното деструктивно делување по однос на важните национални прашања и нивната пасивност  во решавањето на тие прашања. Дел од овие политички партии партиципираат во главно левичарски влади, а други во опозициски блок, главно и едните и другите во недостаток на обединувачки дух кога станува збор за одбрана на традиционалните и националните вредности како дел од идентитетот на својот народ.

Во целата таа збрка и недоумица во нивното самоопределување на десничари=конзервативци, на виделина треба да излезат цврстите ставови на  нас, младите конзервативци, кои целата таа класификација треба да ја разобличиме. Со поактивно учество во политичко-општествениот живот, преку новоформирани политички партии или здруженија и организации, треба јасно да ги промовираме конзервативните идеолошки ставови со што би станале во државата фактор на одржување и решавање, наспроти фактор „кочничар“ на одредени процеси, што во крајна мера големите политички чинители можеби тоа би го сфатиле како закана, наспроти како позитивен чекор во секојдневното политичко дејствување.

Ние, младите конзервативци, сакаме идеолошкиот принцип да го наметнеме во стварноста.

Ние, не сакаме да заминемезасекогаш од својата држава, бидејќи е таа од и на нашите предци!

Ние, сакаме да бидеме, а не да имаме!

Ние, на светот гледаме со љубов, нам човековото достоинство ни е императив!

На тој начин, преку делотворна љубов,  да го смениме светот.

На народот мора да му ја вратиме изгубената доверба во институциите, да го вратиме вреднувањето на неговиот труд преку кој го одгледува своето семејство.

Младите мора да бидат актери, а не само неми набљудувачи оставени на страна и маргинализирани.

Затоа, мора да бидеме активни, еманципирани, вклучени и препознати, афирмативни, доследни, конструктивни, елоквентни… да се залагаме за нешто, а не против нешто!


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *