Колумна на Ирена Ќириќ – „Празници, традиции и семејни вредности“

Published by sarissa.institute on

Декември, месец исполнет со празници и традиции. Прва асоцијација на зима, снег, еуфорија, празнично расположение, периодот кој следи. Нова Година, нови желби, планови и цели, онаа точка која означува еден крај и нов почеток. Време наменето за семејството, за пријателите, за најблиските. Годишно доба штого буди мирисот на детството, убавите спомени, а најмногу од се, потсеќа на традициите негувани и пренесувани од минатото. Период од годината кој влева надеж за подобра иднина, но и оној кој воедно не потсеќа на нашите корени, на нашето потекло, на тоа што ние всушност сме.

Секоја нација и религија ги празнува Новогодишните празници на свој единствен, посебен и уникатен начин, но  постои нешто заедничко за сите, а тоа е надеж за подобра иднина, за нов и подобар почеток. Токму во таа, заедничка надеж ја пронајдов инспирацијата за оваа колумна. Кога ја започнав постоеше дилема, дали е вистински момент за оваа тема, за празнувањето воопшто, особено сега, во време на пандемија, кога црните бројки секојдневно се во пораст, но сфатив дека за блискост и за семејство не постои погрешен момент. Семејството само по себе претставува поттик и мотивација за духовен раст и развој на една личност. Созреваме и одеднаш стануваат важни нештата на кои можеби не сме посветувале доволно внимание, а тоа се традициите, верата, семејството и семејните вредности.

Во периодот на модернизам кога сите се обидуваме да држиме чекор со новите трендови и технологии,тргнавме на страна определени традиционални вредности, катрактеристични за нас како народ и нација. Можеби, токму сега е вистински момент да се направи сплотеност помеѓу старите традиции и новото модерно доба. Најдобар начин за негување на нашите корени е модернизирање на старите традиции, одржување на истите во рамките на семејството на малку поразличен начин.

Трендовите треба да се следат, тоа е неминово, особено доколку сакаме да прераснеме во модерно и функционално општество. Треба да бидеме иновативни и креативнии, амбициозно да ги реализираме нашите замисли и цели. Но, убаво би  било во таа трка да посветиме мал дел од нашето вниманиеи на старите, конзервативни традиции и семејни вредности, оние кои со векови биле одржувани и негувани, и да пронајдеме начин истите да ги воведеме во секојдневниот живот преку веќе постоечки наши нови навики.

Деновиве улиците и плоштадите се украсени, прозорците блескаат и се потсетува на радост, среќа и благосостојба. На секој чекор се препознава дека наскоро доаѓаат Новогодишни и Божиќни празници, време кое за повеќето луѓе е синоним за почеток, нови одлуки, верба во подобри и посреќни денови кои треба да донесат радост и бериќет. Можеби таа еуфорија, иако не е реална во целост, е токму она што ни е потребно на сите нас, особено во изминатите две години во кои начинот на живот целосно се промени. Нашите навики, празнувања и дружби се променија од корен, но и покрај се вредноста на семејството сеуште остана наша непроменета и најистакната доблест. Секојдневните обврски и активности доведуваат до одредено темпо на живот,  па поради тоа блискоста со одредени членови од семејството делумно се губи, а празниците остануваат како свети моменти наменети за надомест на сите пропуштени прилики и не потсетуваат на топлината од семејниот дом. Претставуваат симбол за семејство и семејни вредностии со генерации пренесени традиции. 
Овој период е идеален слободното време да се искористи за резимирање на изминатата година и да се направи проценка на сопствените достигнувања. За некого оваа проценка ќе донесе задоволство, за некого барем ќе послужи како лекција или мотивација за нови планови.  Собирите и дружењата не мора да бидат избор оваа година, секако во услови на пандемија тоа не се ни препорачува. Понекогаш добра книга, филм или прошетка со блиска личност може да биде вистинскиот избор кој ќе донесе повеќе среќа и задоволство.

Задоволството е критериум што треба да се следи и да се осмислат внимателно активностите кои ќе ги обојат деновите што доаѓаат, затоа што не е битно каде, битно е со кого ќе ги споделиме празничните моменти. Со доза креативност лесно можеме спомените од минатото и од старите традиции да ги преточиме, малку модифицираме во наши сопствени, нови традиции, со кои ќе ги негуваме семејните вредности, нашата вера, националност, празниците, Христијанството. Важно е само да не се прекине традицијата, да се испочитуваат корените, да се сочува идентитетот во чие средиште и фокус одсекогаш било семејството.

Затоа, да се обидеме да ги искористиме максимално овогодишните празници и да бидеме самите креатори на сопствената еуфорија, со заеднички желби за нов почеток, подобро здравје и подобра иднина во годината која следи. Да ги оживееме убавите спомени, традиции и вредности на креативен и уникатен начин,посветени кон семејствата и блиските кои ни значат!