Конзервативни размислувања или зошто конзервативизам?

Published by sarissa.institute on

Александар Нацев

Денешниот феномен на глобализација и демократизација на општествата, или обидите за дополнителна демократизација и „доуредување“ на општествата, води кон драстична промена на општоприфатените норми и универзални вредности. Секојдневно гледаме обиди за редефинирање на вредностите, без разлика дали се работи за морални или традиционални вредности, на сметка на нови, „модерни“ и декадентни појави, за кои се прави напор да се претстават како нешто нормално и авангардно. Во многу општества, тој морален пропаст води кон уништувањето на некои од  вредностите кои првенствено помогнале кон самото формирање на тоа општество и кон формирањето на групниот идентитет на таа одредена нација и држава. Традиционалните хиерархии исчезнуваат, корените се губат, историското наследство се игнорира или се претставува како ретроградно, националната гордост исчезнува, националниот идентитет бледее, а апатијата и незаинтересираноста се зголемуваат. Ваквата ситуација е детриментална и предизвикува чувство на немир, но и поттик да се дејствува за да се смени нешто. Токму конзервативизмот е можеби вистинскиот одговор и вистинскиот „противотров“ за моралната декаденција и целокупниот општествен пропаст кој што го гледаме пред нас.

            Конзервативизмот е многу повеќе од партиска идеологија или партиска платформа. Тој е начин на гледање на светот, на општеството, на татковината, но и начин на однесување и на конзистентно и бескомпромисно дејствување. Конзервативизмот ја истакнува важноста на нацијата, традицијата, религијата, моралната чистота и идентитетот (индивидуален, но и колективен). Тој ја промовира грижата за семејството како основна социјална клетка, се залага за култура која ќе промовира позитивни вредности, промовира здрава и мотивирана младина, се залага за индивидуална слобода, предвидува силна национална одбрана, се бори против сиромаштијата и понижувањето на другите и го истакнува историското сеќавање, обичаите и националната гордост.

            Општо прифатеното толкување дека конзервативизмот е нешто застарено и непотребно, и дека никој не може да им застане на патот на промените кои се случуваат во светот (наратив најчесто промовиран од либералите и левичарите), е многу погрешно и површно. Никој не може да им застане на патот на промените кои се случуваат во светот, а особено не една мала држава како Република Македонија. Па се поставува прашањето, зошто тогаш ни се потребни конзервативци и конзервативизам во Република Македонија?

            Одговорот е многу едноставен и логичен. Конзервативизмот се бори и се залага да се зачува она што е вредно и докажано, но тоа не значи дека е против било каква промена. Напротив, конзервативизмот нуди еден внимателен пристап кон промените, проучување на овие промени и подготвување на општеството за тие промени, односно барање начин како општеството најдобро да се справи со промените. Ова носи со себе одредена логика, бидејќи колку е поголема промената, толку поголем импакт ќе има врз општеството и врз граѓаните. Затоа е потребно да се биде внимателен, промислен и прецизен во тој процес.

            Последните случувања во македонското општество и големиот број избрзани и непромислени процеси и промени укажуваат на тоа дека времето на конзервативизмот е токму денес. Време е одредени процеси да се запрат, некои други да се започнат и да се застане цврсто свој на своето.


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *