Христијанството како чувар на традиционалните вредности

Published by sarissa.institute on

Дамјан Петрески

Уште од својот почеток Христовата Црква се јавува како чувар на традиционалните вредности и како градител на едно здраво и нормално општество. Низ многувековната историја на христијанството гледаме како тоа се трудело да ги зацврсти добрите традиции кои луѓето со текот на времето ги заборавиле. Христијаните, а и самиот Христос биле обвинувани дека ја нарушуваат традицијата и носат нови обичаи, но тоа не било целта на христијанството, напротив христијанството само ги потврдува Законот и обичаите дадени од Бога на првите луѓе. Потврда за ова има во Христовите зборови : ”Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам.( Мт. 5:17) Борбата за зачувување на традционалните вредности е најжестока во овие модерни времиња, луѓето прелажани од слатките зборови на модернизмот забораваат кои се и што се и прифаќаат многу работи кои се несвојствени и неприродни за луѓето.

Конзервативизмот е главна одлика токму и во Црквата, затоа што едно од својствата на Црквата е нејзиното нееволуирање во областа на догмите, кои се наоѓале уште во првоначалното Откровение. Светите Отци на Соборите не внесле ништо ново во обидите на објаснување на догмите, туку само ги откривале, зачувале, одржале и појасниле. Таа е чувар на традициите и во Неа постои духот на старите времиња, но тоа не значи дека Црквата е против напредокот. Нејзината цел не е да го попречува  движењето напред и нагоре, туку да го попречува движењето назад и надолу – кон хаотична темнина и враќање до примитивната состојба.

Родољубието исто така е проткаено низ историјата на Црквата. Православниот христијанин е повикан да ја сака својата татковина, која има територијални димензии, но и своите браќа, кои живеат низ целиот свет. Таквата љубов се јавува како еден од начините за исполнување на Божјите заповеди за љубов кон ближните, што во себе вклучува љубов кон своето семејство, сонародниците и сограѓаните. Татковината не е составена само од земјата на нашите предци, туку и од идеалите, добродетелите, херојството, светителството, обичаите, умотворбите, ракотворбите и гробовите на предците. Само така сфатената татковина може да ги воодушеви луѓето да се жртвуваат за неа и да постанат вистински патриоти. Света должност на секој Христијанин е да ја брани својата Татковина, своето семејство вера и народ. Тоа е заветот од нашите предци кои не го жалеле својот живот за да ја зачуваат верата (светите маченици) и слободата (македонските револуционери и дејци на Организацијата). И ние во денешниве современи времиња мораме да се бориме да ги зачуваме вредностите оставени од нашите предци. Во време кога се прават обиди за уништување на традиционалното семејство и брак, кога се прават обиди за уништување на традиционалните и нормални општества, Црквата се јавува како цврст заштитник на традициите. Денес во современа Европа, се отфрла разбирањето за бракот како свет сојуз меѓу еден маж и една жена и тоа не останува само на полето на расудувања и дискусии, но се става и во законодавни норми. Живееме во времиња кога моралните вредности кои векови наназад биле верен ориентир за луѓето, поткрепа на моралот и спојка за општеството, лекомислено и насочено се подлагаат на измена и отфрлање, а кажано е: ,,Тешко на оние кои злото го нарекуваат добро и доброто – зло, темнината ја сметаат за светлина и светлината – за темнина” !(Ис. 5,20)“.

Наша задача како Македонци, но и како христијани е да ја зачуваме нашата татковина, нашиот народ, нашите семејства и сите оние вредности кои ни се оставени во аманет од нашите предци!


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *