Eден заборавен штрајк во Македонија

Published by sarissa.institute on

Никола Веселинов

По вклучувањето на Вардарска Македонија, во рамките на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во 1918 година, македонскиот народ се најде во тешко еконoмско, политичко и национално ропство.

Продолжувајки ја својата акција за србизација на македонскиот народ, уште од Балканските војни, големосрпските денационализатори уште кон крајот на 1918 година се зафатија со отварање на свои училишта во Македонија, воведувајќи една крајна асимилаторска настава во сите училишта за што поскоро србизирање на младата македонска генерација.

Училиштата во целата новонастаната држава, посебно во Македонија, биле во крајно лоша состојба, а учителскиот кадар го немал потребното педагошко ниво за одржување на настава. Така во декември 1918 година, Министерството за просвета раководена од Љуба Давидивиќ, донело решение да организира неколку месечни курсеви за учители во Белград, Јагодина, Крагуевац и Скопје. Изборот на курсисти, идни учители, се вршел преку јавна дискриминација на Македонците, каде што огромното мнозинство од сите места, па и од Скопје бил од српско потекло. Ретките избрани „среќници” – Македонци  главно биле синови на режимските послушници кои се испраќани во Србија за да може полесно да се подложат на србизација.

Во настојување што побргу да исфабрикуваат нови српски учители за Македонија, меродавните просветни фактори не ги извршиле најпотребните подготвувања за нормално одвивање на работата на учителскиот курс во Учителската школа во Скопје.

 Запишувањето во школата било извршено во јануари 1919 година, за  насатавата да започне што поскоро. Во Скопската Учителска школа се запишале 720 ученици од кои до јуни, кога фактички започнала наставата, останале 250 ученици. Отпаѓањето на 470 ученици од јануари до јуни се должело на вонредно тешките сместувачки и прехранбени услови за учениците, како и нечовечкиот однос од страна на управата и учителите. Учениците биле оставени на улица, никој не се грижел за нив, иако биле примамени во Скопје со разни ветувања и полни со занес кон својата благородна утрешна професија. Но, положбата на преостанатите 250 ученици кои ја започнале наставата не била подобра, а на крајот на курсот останале неколку десетици.

Тешката положба на учениците во Учителската школа во Скопје најдобро е илустрирана во нивната претставка “На адресата на господинот Министер за просвета – Белград” од почетокот на ноември 1919 година.

Во својата претставка учениците се жалат на крајно бедната храна, спиеле во соби без прозорци, сите биле полни со вошки и немало затоплување. Не можејки да ги издржат школските простории, биле приморани да се снаоѓаат сами. Покрај ваквите материјални лишувања учениците биле изложени и на садистички малтретирања, не само од страна на учителите, туку и од управата на школата и локалните органи на власта.

Не можејќи да ја поднесат ваквата положба, околу 70 ученици од втората половина на октомври и почетокот на ноември 1919 година стапиле во штрајк, одбивајки да ја посетуваат наставата. За време на нивниот штрајк, поради слични услови и причини, избувнал штрајк и во останатите учителски школи каде што се организирал курсот. Бидејќи штрајкот во Скопје продолжил повеќе од дваесет дена, се случило поврзување на штрајкувачките раководства од Белград, Јагодина, Крагуевац, при што се донело единствено решение за координирање на акцијата и унифицирање на барањата за подобрување на животните услуви на сите ученици во овие школи.

Како резултат на заедничката акција и солидарноста на сите штрајкувачи-ученици, штрајкот зел широки и застрашувачки размери и одекнал како остар протест низ целата земја против нечовечкиот режим во овие школи, внесувајќи силно неспокојство и паника меѓу владеачкиот големосрпски просветен фактор.

Централните власти, месните одбори и просветниот фактор не само во Скопје, но и во другите места презеле најразлични мерки за да го задушат штрајкот, но се било попусто. Солидарноста на штрајкувачите ги разбила сите заплашувања и провокации на управителите, каде и апсењата не помагале. Штрајкот продолжил и во текот на ноември и се барало детално испитување на состојбата во учителската школа и подобрување на материјалните и психолошки услови за живеење и работа на учениците. Во втората половина на ноември кординираното штрајкувачко раководсто напишало претставка со барање кое било доставено до самото Министерство за просвета, од кое добиле ветување од министерот дека ќе се преземат мерки за подобрување на положбата во учителските школи. Иако пристигнувале разни комисии и давале различни предлози и сугестии за подобрување на положбата, сепак немало долготрајни позитивни ефекти.

Сознавајќи ја сета гнилост на режимот, учениците од учителската школа и од другите училишта во Македонија и понатаму останале да се борат за своите права за подобар живот и ослободување од ненародното версајско Кралство на СХС.


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *