Колумна на м-р Александар Богатинов – „Случајот Украина: Крајот на историјата, Змејот и Мечката“

Published by sarissa.institute on

м-р Александар Богатинов

„Крајот на историјата“ е една од најкоментираните идеи, промовирана во 90-тите години од 20 век од страна на познатиот филозоф, политиколог и економист Френсис Фукујама, преку која се нагласува успешноста на либерално-демократското уредување во светот како најпромислен, најдокажан и најуспешен историски модел на општествено уредување во него. Оваа идеја се актуелизираше по распаѓањето на Источниот блок и требаше да биде со добра волја  прифатена од останатиот дел на светот. Таа, пред сѐ, беше популаризирана низ државите кои негуваа социјалистички систем на управување и тие беа најмногу повикани да ја разберат нејзината важност. Всушност, идејата за крајот на историјата е произлезена како реакција од биполарниот светски политички систем кој владееше по Втората светска војна и поделбата на светот помеѓу демократски и социјалистички систем на уредување. Докажувањето и напнатоста помеѓу овие две идеологии ја испишаа  историјата во втората половина на 20 век .

Во почетокот на 90-тите, западните интелектуалци и промотори на либералната демократија понесени од распаѓањето на социјалистичките уредувања, се чувствуваа како победници и во таа првична еуфорија ја гледаа идната светско-политичка карта исполнета со либерално-демократски влади. Тие не согледуваа особени пречки во инкорпорирањето на демократското владеење во светот. Најголемата сила и закана (СССР) беше распадната и повеќето држави транзитираа кон Западниот свет и се реформираа во демократии. Голем дел од овие држави вклучително и Русија го прифатија овој систем на управување. Во Русија во 90-тите години воглавно владееше про-западно ориентирана администрација, во духот на капитализмот се создаваше руската олигархија. Арапските земји, Индија, Јапонија, Бразил, беа лојални сојузници на САД. Се чинеше дека нема сила која ќе се испречи на патот на ширењето на либералната демократија во светот.

Но, еве сме 30 години потоа и веднаш согледуваме дека идејата за „крајот на историјата“ е некако немоќна во новата поставеност на силите во светот. Најголемото промашување на протагонистите на оваа идеја е Кина. Само ќе напоменам, творецот на оваа идеја, Фукујама, не ја ниту спомнува Кина во своето дело „Крајот на историјата и последниот човек“, а во истото зборува за дисциплината и работничката етика на земјите на Далечниот исток, мислејќи на земјите на жолтата раса. Уште во 19 век филозофи како Ниче укажуваа дека ако општеството се заснова на капиталот и работничката класа, тогаш недвосмислено жолтиот човек, предничи пред белиот. Кина во изминативе десетици години создаде цврста еднопартиска власт која изворедно умешно одговори на сите предизвици во современиот глобален економски пазар. Глобализацијата како нова општествена појава која ја форсираше западната демократија зад себе ја имаше логиката на профитот и капиталот и во таа своја логика самата себе си се заплетка во оваа популационо енормна држава во светот. Современиот западен капитализам сѐ повеќе потклекнува пред кинеската работничка дисциплина строго контролирана од авторитарната комунистичка власт во оваа земја. Кинескиот општествен систем  базиран на послушност, дисциплина и работливост, дополнет со образованост и иновативност, претставува премногу цврст фактор во современиот расплет на светската политичка сцена. Се чини дека западниот свет против овој налет нема никаков одговор. Сѐ поголемото влијание на кинеската економија во Европа, но, пред сѐ, во исламските неразвиени земји, Африка, претставува неразрешлива енигма за западниот свет.  Ваквото влијание започнува да ја делегитимира идејата за либералната демократија како најуспешен историски произведен модел на управување во светот. Уште повеќе што западните земји се наоѓаат во една, сѐ чини, премореност од својата демократија и затеченост во однос на новиот порив од далечните култури и народи. Во овие триесетина години како да се губи свеста за важноста на демократија како цивилизациска придобивка. Всушност, тоа го напомена и самиот Фукујама во своето скорешно гостување во Скопје и интервјуто за Радио слободна Европа. 

Новиот обид за поход на западната демократија започнува со „случајот Украина.“ Првата цел е делегитимирање и тргање од власт на Путин во Русија. Всушност, победата на Украина против агресијата од Русија единствено би можела да се оствари ако Путин падне од власт. Логиката е следна, со постојан отпор со помош на воена помош од западните сили, со кој воено ќе се истоштува Русија и силни економски санкции од западниот свет кои би требало да предизвикаат осиромашување на рускиот народ, би требало да го зголеми незадоволството и да се појави бунт во Русија против Путин. Но дали оваа веќе го имаше предвидено администрацијата на Путин, за жал, времето, кое бавно минува за секој Украинец, ќе покаже.  

Русија како ентитет со своја култура и вредности во овие триесет години не успеја да изгради демократско уредување по образец на големите европски земји. Таа не успеја да се докаже дека врз основа на своето општествување целосно припаѓа на западниот свет, иако во достигнувањата на современата светската цивилизација има неопсорна улога. Успешното владеење на Путин во изминативе дваесетина години за САД и западно-европските земји има авторитарна карактеристика и како таква таа е пречка на походот на  либералната демократија кон остварувањето на идејата за „Крајот на историјата“.  Во последните десетина години прозападните идеолози на руската политичка сцена сериозно се маргинализирани. Со помош на Александар Дугин, највлијателниот руски филозоф и близок советник на Путин, сѐ повеќе во Русија се расејува една нова идеологија за рускиот идентитет т.н. евроазиска. Оваа нова идеологија стои на тврдењето дека руската култура, вредности и духовност е различна од западно-европската и како таква треба да биде истакната во светот. Идеологијата која ја проповеда Александар Дугин е конзервативна, настроена кон традиционалните руски вредности и ги негира прозападните вредности кои се наметнуваат преку глобализацијата. Дугин, воглавно, зборува против современиот глобализам наметнат од САД и се бори за еден мултиполарен свет во кој ќе опстојуваат повеќе светски сили во една рамнотежа. Се чини дека Дугин е главниот виновник за смислената нова стратегија на Русија за откажување од западниот свет и свртување кон азиските земји и создавање на едно поцврсто единство и поблиска соработка со Кина. Економските загуби на Русија на релативно краток рок се оправдуваат со еден подолговечен проект за светскиот поредок во кој најголемиот дел од своето богатство (енергенсите) таа ќе ги инвестира во Азија.

Борбата за новиот светски поредок е започната во Украина. Првото сценарио, ако успејат западните сили на чело со САД преку страдањата на украинскиот народ да направат преврт во Русија и да го симнат од власт Путин и неговата администрација и да стават прозападни владејачки структури тогаш ќе продолжи довршувањето на светот во идејата за „крајот на историјата“ во либералната демократија преку следниот голем предизвик, Кина. Второто сценарио, ако Путин остане на власт без разлика на исходот во Украина, тогаш евроазиската идеологија во Русија ќе остане и Русија и Кина релативно успешно ќе и опонираат на САД во глобалната политика. Тогаш ќе гледаме еден мултиполарен свет во кој ќе продолжат да се афирмираат  општествени уредувања различни од либералната демократија.

Сега засега, најголем губитник во ова ново распоредување на силите во светот е Европа поради нејзината голема енергетска зависност од Русија.  Најголеми добитници се САД и Кина.

Продолжува…