Колумна на м-р Гоце Бумбароски – „Македонски или Скандинавски модел на образование!?“

Published by Jane Janceski on

Што ни е потребно за да ги задржиме младите во Македонија?

Велиме дека целта на образовниот систем е да всади љубопитност, имагинација, иновација, самоиницијативност и претприемачки дух и да им помогне на децата да развијат другарство.

Ако е така, тогаш моделот во кој наставникот пренесува одредени информации, а ученикот ги повторува по него треба веднаш да се напушти, и да се воведе модел што ги стимулира учениците да откриваат и создаваат свои информации.

Македонија треба да ги спрема сите деца/ученици за работа, за придонес кон заедничкото добро и за активно граѓанство.

… Па да започнеме.

Според мене неопходно е во основно образование одделенијата да бидат до 15-16 ученици. Тоа ќе им овозможи на учениците да развијат поголеми другарски односи меѓу себе, а и поблизок однос со наставникот. Па така на пример, на часовите по предметите од областа на природните науки ќе може секој од нив да спроведе одреден експеримент.

Во почетните одделенија на основно образование детето треба да се подготви за учење и да му се помогне да ја најде својата страст, својата пасија, интерес. Не треба да се кажува дека некој е слаб ученик, или дека не го бива за ништо. Најважно е да се лоцира проблемот, доколку го има, и да му се помагне во учењето. Така на учениците ќе им се даде можност да развијат сопствен начин на учење.

Доколку некој ученик покажува потешкотии со учењето, треба да се ангажираат повеќе наставници кои ќе работат со него за да видат каде “лежи” проблемот, а потоа и да најдат начин да му помогнат да научи.

Исто така учениците во пониските одделенија од основно училиште не треба да добиваат домашни задачи.  A во повисоките одделенија пак, кога ќе почнат да ја добиваат, таа да биде многу малку и да не е преминува повеќе од 5 училишни часа неделно. Со тоа учениците ќе можат да имаат време за слободни активности за добро да се развиваат.

Бирото за развој на образованието треба наставните програми да ги направи отворени и флексибилни, во правец на давање насоки, без тоа да биде како досегашната пракса за детални наставни програми. Притоа секое училиште и секој наставник да одлучува на кој начин ќе ги спроведе насоките и што ќе вклучи во наставниот материјал, т.е сам/и да го избере/ат патот до зададената цел.

Намалување на предмети и скратување на набиената програма на учениците ќе им овозможи повеќе време да посветат на сопствени проекти и самостојно продлабочување на знаењето. Како резултат на тоа, наставниците ќе имаат повеќе време за оние кои имаат тешкотии во откривањето на нови работи.

Уште во осмо или деветто одделение учениците треба да се насочат да посакуваат доста широк спектар на професии. Па пред самото запишување во средно училиште, треба да им се даде вистинска насока според нивните вештини, дали да ја одберат стручната или академската патека.

Тука треба да се знае дека преку стручните програми учениците ќе бидат подготвени веднаш по завршување на средното образование да тргнат на работа.

За таа цел мора да се даде поголемо внимание на стручните училишта, повеќе практична настава и поквалитетни образовни програми.  Овие ученици потоа ќе имаат доволно знаења за да најдат работа веднаш по матурирањето и нема да им треба дополнително практично искуство.

                Од друга страна пак академските граѓани потребно е да имаат задолжителна практична работа за време на студиите и тоа искуство да им биде внесено во соодветен документ (студентска работна книшка). Секој дипломиран студент при конкурирање за работно место покрај дипломата ќе достави и доказ за работно искуство.

Најважно од се горе споменато е дека секое дете/ученик/студент во Македонија треба да има еднаков пристап до квалитетно образование. Тоа значи дека секој треба да биде третиран подеднакво, да добие еднакво квалитетен наставник/професор како и образованието (основно и средно) да биде бесплатно во буквална смисла на зборот.

За крај: Не ни требаат други модели на образование, нас ни треба Македонски модел кој ќе се натпреварува и развива споредбено со сопствените постигнувања.

м-р  Гоце Бумбароски