Колумна на м-р Александар Богатинов – „За колонизирањето на Македонија на патот кон ЕУ“

Published by sarissa.institute on

м-р Александар Богатинов

Светската политичката теорија од 70-ите и 80-ите години на XX век, во една недоволно јасна поделба, државите во светот ги селектираше во следниве рамки:

  • – Држави од Првиот свет: капиталистичките земји кои најчесто припаѓаа на НАТО Сојузот (или пак беа блиски и соработуваа со него) и се сметаа себе си дека негуваат либерално-демократска политика;
  • – Држави од Вториот свет (оваа втора поделба сега не постои): држави кои доаѓаа од комунистичкиот блок и за себе си се сметаа дека се социјалистички;
  • – Држави од Третиот свет: најчесто се мислеше на оние колонизирани држави  од времето на империјализмот кои не заземаа никаква страна во однос на двата блока и најчесто беа дел од „Движењето на неврзаните“;

Денес знаеме дека Вториот свет не постои, поголемиот дел од овие држави успееја да направат успешна транзиција кон државите од Првиот свет. Создадоа свои демократски системи и се дел од западните сојузи. Но, јас тука сакам да истакнам една карактеристика на државите од Третиот свет, кој што ја споменува Бранислав Саркањац во своето дело „Македонски катахрезис“( подоцна објавена со наслов По свое). Таа карактеристика на земјите од Третиот свет е тоа што после своето ослободување од колонизаторите, тие се „присеќаваат“ на своето автентично минато и врз основа на својата сувереност си ја градат историјата, јазикот, културата, идентитет т.е. својата самосвест. Впрочем, такво нешто ѝ се случи и на Македонија во рамките на својата државотворност како дел од Југославија. Тој процес на самосвестување и национално истакнување требаше да продолжи и по осамостојувањето во 91 година.

Соочени со непризнавањето на уставното име, јазикот, историјата, црквата, професорот Саркањац спомнува еден цитат од Крсте Петков Мисирков во делото „За македонските работи“, кој вели: „Ако прашањето за народноста има првостепено значење за Бугарите, Србите, Грците, и секоја од тие народности си го третира ПО СВОЕ, та зошто и ние да не си го земеме во СВОИ РАЦЕ, … и критикувајќи ги нив да не изработиме едно македонско гледиште на нашата народност,…“ По свое, како суверена земја имаме своја историја, имаме свој јазик, почитуваме своја црква, се гордееме на своето име Република Македонија, градиме свој национален идентитет. Настапуваме катахрестички.

Освестени дека во новата стварност владее дискурсот на модерната, реалполитиката со своите правила, а не како што бевме „залетани“ во вербата на демократскиот свет и посмодернистичките фаворизирање на локалните политики и правата на помалиот, ние сме приморани да настапуваме по свое. Саркањац употребува еден термин, катахрезис. Кој пак, наједноставно,неговото значење се преведува како употреба на несоодветен збор при разбирањето на дел од стварноста. Тоа најчесто може да се види при преводите кога прведувачите мака мачат да најдат соодветен збор за одредено значење на некој странски збор, па се приморани да се задоволат со употребата на некој несоодветен. Со тоа се прави злоупотреба на текстот, но и разбирањето на самата стварност која што се крие зад текстот. Така и ние, во разбирањето на македонската стварност употребуваме наше име, наша историја, наш јазик, опстојуваме со наш македонски идентитет, и поради тоа правиме злоупотреба на разбирањето кон нас, од оние кои сето тоа го негираат, соседите. Катахрезисот, всушност, од аспект на Другиот е злоупотреба.

Политиката која што ја предлага Саркањац за Македонија е всушност катахрестичка, по свое. Моето разбирање за себе си, Другиот ( во овој случај соседите) го доживува како злоупотреба. Ние не требаше да преговараме според Мисирков и Саркањац за своината со соседите. Свесни дека сакаат да нѐ избришат ние требаше да продолжиме да градиме  наш македонски идентитет сиве овие години.Мудро, храбро, да си ја градиме своината.

Но што се случи? Наместо соседите моето разбирање за себе да го доживуваат како злоупотреба, Македонецот самиот се злоупотреби во своето разбирање за да го прифати разбирањето на соседите. Катахрезисот го прави врз себе. Прифаќа да биде разбран како сакаат другите.

Со тоа ние се враќаме уште поназад во историјата, во времето на колонијализмот, кога колонизаторите го наметнувале идентитет на автохтоните народи низ светот. Шпанските конвискадори кон јужноамериканската цивилизација, Европеецот кон американскиот домородец, Британецот кон Индиецот, холандските коорпорациски бродови кон  црнечкото население во Африка. Насекаде во колонијализмот, колонизаторот го наметнува своето разбирање на колонизираниот. Му ја наметнува својата слика за него кој е крајно дискредитирачка за подредениот. Колонизираните се варвари, неписмени, нецивилизирани, подредена раса и сл. Немаат историја, немаат јазик, немаат државотворност низ која ќе живее нивниот национален идентитет. Тие не се достојни, заслужуват презир. Истото нѝ се случува и нам.

Ние моментално не сме ниту во земји од Третиот свет, ние припаѓаме на земји од Четвртиот свет. Земји кои мака мачат да се разберат себе, бараат темели за својот идентитет. Јазикот, историјата, името, идентитетот, уставот, се е разнишано. Не се знаеме кои сме. А со нашиот пат кон ЕУ се враќаме далеку во минатото, во времето на колонијализмот. Ние се колонизираме.