Колумна на м-р Александар Богатинов – „За судбината во Владетелот на Макијавели“

Published by sarissa.institute on

м-р Александар Богатинов

„Но сепак, поради тоа што не можеме да го оспориме постоењето на слободната волја, мислам дека судбината одлучува во половина од нашите дела, а останатата половина ја остава на нас на располагање“

  • Николо Макијавели, Колку може судбината во она што е човечко и како можеме да се одбраниме,  Владетелот  

Николо Макијавели (1469 – 1527) е  дипломат, политичар, писател и филозоф, кој што живеел за време на  ренесансата во Италија. Најпознат е по своето единствено политичко, и до ден денес, едно од најкоментираните политички дела во историјата, Владетелот. Најпозната максима изведена од од оваа дело е: „целта ги оправдува средствата.“ Всушност, Макијавели никогаш ја нема точно вака искажано оваа мисла, но сепак, таа е изведена од  содржината во самото дело. Макијавели, многумина го сметаат  како политичар кој што ја разбира политиката од аспект на власта и учи дека  во неа најважно е како да се добереш до власт, но и како да се одржуваш на власт. Произлезена доктрина од оваа дело е дека политиката и етиката не одат заедно, дури се исклучуваат меѓусебно. Ваквото разбирање на политичкото денес спаѓа во редот на она теорија која се нарекува реал-политика, за која се надевам во иднина ќе напишеме повеќе колумни.  

Николо Макијавели, во добар период од својот живот работел како дипломат и учествувал во многу мисии и преговори помеѓу монарсите во тоа време. Добро ги знаел сите интриги, лицемерија, неморални игри кои што се случувале помеѓу самите владеачки страни. Знаел дека во таков еден неморален политички свет, разумно е неизводливо еден човек кој што има само морални доблести да може да го оствари неговата замисла – да ја види Италија обединета и стабилна земја. Владетелот не може само да се препушти на моралноста, туку треба да поседува и сила и итроштина, да биде лав и лисица, за да успее во својата намера во едни такви околности.  

Но јас тука нема да ја објаснувам реал-политичката позиција на Макијавели, туку ќе искоментирам еден дел од ова негово дело кое се однесува на судбината.  Размислувањето на овој филозоф за судбината некако ми е блиско со она што му се случува на македонскиот народ и Македонија. Од неговата размисла на човековиот однос кон судбината ќе издвојам два моменти. Првиот, ја објаснува причината за негативните судбоносни настани, а вториот се однесува на можноста колку толку да ги смени судбинските налети по неговиот живот.

Во однос на првото, ќе направам споредба во однос на негативни пројави во опшествената стварност од тоа време и современиот дух од македонското поднебје. Италијанските градови-држави (кнежества) во тоа време претставувале најразвиен цивилизациски дел од Европа, но, тие никако не успевале таа, стихијно стекната моќ, да ја зацврснат во еден единствен и обединет политички ентитет. Здобиените богатства многу лесно се расфрлале, делумно внатре во самите градови-држави преку корупцијата, рекетот, развратот и меѓусебните убиства, делумно во постојаните напади и пљачкања од соседните градови-држави и постојаната потреба од најмување на странски платенички војски од Западот, кои пак,  со „добра волја“ се нуделе на овие градови-држави и го искористувале непријателството помеѓу самите нив.  Макијавели бил свесен за ова лоша „карма“ на својата Италија и се обидел да помогне некако да се надмине тоа постојано преповторување на истите грешки и несреќи во неа. Човекот бил родољуб. Си ја сакал татковината и знаел дека таа заслужува многу повеќе. Цивилизациски многу силна, но сепак, политички многу слаба. Таква била неговата Италија. Разделена, постојано опустошувана, и згора на сѐ, постојано и се случувале некакви трагедии, природни катастрофи (поплави, пожари, чуми и сл).

Макијавели, во претпоследниот дел од својата книга, ги анализира причините за низата судбоносни несреќи кои што и се случуваат на својата земја. Најлошо, според него, е да веруваме во некои проклетства, карми, божји волји, во однос на она што ни се случува, а не е во нашиот домен на моќи. Тој ги бара причините за овие судбоносни настани во самата поставеност на заедницата. Разделеноста во сите слоеви на заедницата, немањето соживот, длабоката поделба на населението меѓу себе, себичните интереси се причина за дополнителни лоши случувања во татковината. Тој излезот од таквата состојба ја согледува во цврстата и обединета Италија. Постојано низ неговите анализи за владеењето се бара начинот преку кој што ќе се создаде еден цврст лојален однос кон самата држава од страна и на владетелите и граѓаните. Лојалноста е исклучително незадоволувачка и во нашето општество.

Длабоките поделби помеѓу македонското население. Длабоките поделби помеѓу албанското и македонското население. Постојаната корупција, сиромаштија, грабежи, непочитување на законите, се причина повеќе за дополнителни несреќи како што се големата смртност во светски рамки од ковид-19, или пожарите кои што нѐ демнеа во последните недели.  Таквото разочарувачко духовно поднебје дополнително предизвикува несреќи и во приватниот живот на заедницата. Како што вели нашиот народен мудрец: „се кине онаму кај што е најтенко.“ Само цврста и лојална заедница може да  пркоси на судбинскиот налет. Онаму каде што заедницата е неподелена, сплотена и силно приврзана кон своето битисување, таму и судбината се подзамислува дали да го зададе својот удар.

И она, второто, кое што го нагласува Макијавели, а се однесува на власта (конкретно во неговиот случај, владетелот), е дека  во мирнодопско време власта никогаш не треба да се опушта и да се препушта на лежерноста. Во мирни времиња, духот на заедницата мора да остане цврст. Во таквите времиња, државата се подготвува за тоа што може да ѝ се случи. За него судбината е како надојдена вода која сѐ она што не може да се отпори од неа го носи со себе. Затоа во мирните времиња се градат брани, се зголемува безбедноста и се штити стварноста. Како што вели тој, „мислам дека судбината одлучува во половина од нашите дела, а останатата половина ја остава на нас на располагање.“ Парадокси и глупости се верувањата на власта дека потпишувањето на еден документ во кој што стои дека сме членка на НАТО е доволен гарант за нашата безбедност. Тоа го увидовме во борбата со вирусот, и кревкоста на нашиот здравствен систем. Да имавме солиден здраствен систем, создаден во времиња без пандемии, сигурно дека че ја немавме таа белега за една од водечките земји по смртност во 2020 година. Барем половина ќе спасевме. Ја увидовме и со пожарите  целата бедност во однос на справувањето со самите. Според Макијавели, најголемата слабост на една власт е да се однесува лежерно во мирнодопските моменти. Така таа ја довикува судбината. Една ваква стихијно создадена власт, која уште понекоординирано владее, тешко дека може да ја спаси барем половина од она што судбоносно нѝ надоаѓа.  Сѐ оди  со забрзување низ брдо и во разнебитување.


0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *